Нова Либерална партија е политички субјект, кој на политичката сцена во Македонија за прв пат се појавува во 2009 година. Основачкото собрание на Нова Либерална партија е одржано на ден 28.06.2009 година, во хотелот „Липа” во Прилеп во присуство на околу 350 делегати. За прв претседател на Нова Либерална партија е избран г-дин Зоран Крстевски, а за негови потпреседатели се избрани Драган Василески, професор Звонимир Јанкуловски, Слободан Даневски и Љупчо Мешков. Веднаш потоа е пристапено кон создавање на мрежа на Општински организации при што се формирани 33 општински организации на НЛП низ цела Македонија. На ден 03.02.2011 година, Новата Либерална партија се приклучува на Коалицијата „За подобра Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Вториот редовен конгрес на Нова Либерална партија е одржан на ден 30.11.2013 година, и на истиот за Претседател е избран г-дин Драган Василески, за негови потпреседатели се назначени Ацо Јаневски и Дијана Цветковска.